Што е извршител?
Извршител е лице кое врши јавни овластувања утврдени со закон именувано од Министерството за правда, согласно со одредбите на ЗИ.
Извршителот се именува за подрачјето на основен суд и извршува извршни исправи на судот, нотарот или органот чие седиште е на подрачјето за коешто е именуван, а при спроведување на извршувањето презема дејствија на целата територија на Република Македонија.
Започнување и основа на извршувањето
Извршувањето започнува по барање од доверителот. Основа за извршување претставува извршната исправа.
Кои се извршни исправи?
Извршни исправи се:
1) извршна судска одлука и судско порамнување;
2) извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на исполнување на парична обврска;
3) извршна нотарска исправа;
4) решение за издавање на нотарски платен налог и друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.
Потврда за извршност става судот, односно органот кој одлучувал за побарувањето во прв степен.
Извршност на одлука
Како судска одлука се смета пресуда, решение, платен и друг налог на судовите, на избраните судови и на арбитражите, а како судско порамнување се смета порамнувањето склучено пред тие судови. Судската одлука е извршна ако станала правосилна и ако истекол рокот за доброволно исполнување на должниковата обврска.
Како одлука во управна постапка се смета решение и заклучок на орган на државната управа, како и на правно лице, донесени во вршењето на нивните јавни овластувања утврдени со закон, а како порамнување во управна постапка се смета порамнување склучено во смисла на Законот за општата управна постапка. Одлуката донесена во управна постапка е извршна ако станала конечна и ако истекол рокот за доброволно исполнување на обврската.
Рокот за доброволно исполнување на обврската тече од денот на доставување на одлуката до должникот.
Извршност на порамнување
Судското порамнување, односно порамнувањето склучено во управна постапка е извршно, ако побарувањето пристигнало по порамнувањето. Пристигнатоста на побарувањето се докажува со записник за порамнувањето или со според закон заверена исправа. Пристигнатоста која не може да се докаже на горенаведениот начин, се докажува со правосилна одлука донесена во парнична постапка со која се утврдува пристигнатоста.
Извршност на нотарска исправа
Нотарската исправа е извршна исправа, ако станала извршна според посебен пропис кој ја уредува извршноста на таквата исправа. Решение за издавање на нотарски платен налог станува извршна исправа со ставање на потврда за правосилност и извршност од нотарот.
Поднесување на барање за извршување
Барањето за извршување на извршната исправа доверителот го поднесува до извршителот во писмена форма со приложување на извршната исправа во оригинал, извод од изворникот, односно заверен препис на изводот од изворникот. Доколку извршната исправа не е приложена во оригинал, доверителот приложува и изјава заверена кај нотар дека не повел постапка за извршување пред друг извршител за истата извршна исправа.
Наплата на камата
Кога во извршната исправа е определена наплата на камата од должникот, истата се пресметува и наплатува до денот на исплатата на средствата на посебната сметка на извршителот.
Извршни трошоци
Извршителот за преземање на извршните дејствија наплаќа награда и надоместок на трошоците согласно Тарифа за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите.
Извршителска тарифа
Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите е достапна на следниот линк: http://kirm.mk/wp-content/uploads/odlukaPS_2.pdf